
Правото на мирни демонстрации мора да се почитува, но насилството не е решение и е неприфатливо, соопшти Европската Унија (ЕУ) за Гласот на Америка.
„Акциите на полицијата мора да бидат соодветни и основните права мора да се почитуваат во рамките на владеењето на правото. ЕУ повикува на мир и дијалог“, се вели во нивниот одговор.
Од Брисел не сакаа да одговорат на прашањето како ги коментираат обвинувањата на властите во Србија кон неименувани западни земји за предизвикување немири на протестите по изборите.
Европската Унија повторно повика на „соодветна истрага за наводите за изборни нерегуларности“.
Опозицијата протестира по изборите на 17 декември, обвинувајќи ја владејачката Српска напредна партија (СНС) за изборна кражба, вклучително и со фиктивно регистрирање на нејзините гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.
Републичката изборна комисија (РИК) на 24 декември соопшти дека ресорните министерства ги проверувале избирачките списоци и утврдиле дека тврдењата на коалицијата „Србија против насилството“ дека бројот на гласачи со право на глас на изборите во Белград е вештачки зголемен во со цел да се влијае на исходот на изборите „не се точни“.