Ковачевски: Во наредниот мандат ќе спроведеме процес на ветинг

Доколку ја добиеме честа да ја водиме Владата, во следниот мандат ќе спроведеме процес на ветинг и тоа не само на именувани и избрани функционери – од премиерот до министрите, па се до царина, судови и обвинителства, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање да искоментира анкета, според која 80 проценти од граѓаните сметаат дека корупцијата е најголем проблем во државата.
-Има еден процес што ќе биде спроведен во државава, а тоа е процес на ветинг на именувани и избрани функционери, меѓутоа можеби треба да се прошири на физички и правни лица. Тој процес Албанија го спроведе. Во нашата држава Владата сакаше да го спроведе, но беше спречена од ЕУ, не знам од кои причини. Меѓутоа нема кој да го спречи тој процес на наредните избори кога повторно ќе ја добиеме честа да ја водиме владата, и во тој процес точно ќе може да се идентификува кој е за унапредување, кој е за доусовршување, а кој не може да извршува одредена фукнција и при тоа ќе бидат опфатени сите, а не само да го имате премиерот и министрите секој ден на телевизија, и секој ден да се гледаат нивните анкетни листови, туку треба да се гледаат на сите – од царина, до судови и обвинителства, вели Ковачевски.