
Европската Унија повикува на мир и дијалог, соопшти Европската комисија на барање на Н1 телевизија да ги коментира низата настани во Србија што се случија по вонредните парламентарни и локални избори одржани на 17 ноември.
„Иако правото на мирни демонстрации мора да се зачува, насилството не е решение и е неприфатливо. Полициските дејствија мора да бидат пропорционални и да ги почитуваат основните права во рамки на владеењето на правото“, изјавиле од Европската комисија на прашањето на Н1 како ги коментираат изборните нерегуларности во Србија, нападите врз меѓународните набљудувачи на изборите, протестот против изборната кражба, насилството на протестот, полициската бруталност, штрајкот со глад на Мариника Тепиќ и соработката на Србија со руските безбедносни служби.
Како што додаваат од ЕК, „приговорите за изборни нерегуларности треба соодветно да се истражат и да се постапи по нив“.