Коцевски доби позитивно мислење да биде нов државен јавен обвинител, Фетаи и Раичевиќ не го поминаа филтерот

Обвинителот во Републичкото обвинителство, Љупчо Коцевски, останува сам во трката за нов државен јавен обвинител. Советот на јавни обвинители денеска едногласно даде позитивно мислење единствено за него.
Кандидатот Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше поради нецелосно доставена документација.
Сега предлогот на Советот со позитивно мислење за кандидатот оди до Владата, која потоа до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење.
Членовите на Советот денеска на седница, на која имаше само една точка, давање мислење за пријавените кандидати на огласот за именување јавен обвинител на Република Северна Македонија, кажаа дека документацијата на Коцевски е комплетна и уредна.
Љупчо Коцевски во адвокатурата е 16 години. Во 2008 година е избран за обвинител во Вишо обвинителство во Гостивар. Во јануари 2022 година е унапреден во републичкото обвинителство.
Претседателката на Советот на ЈО, Душица Димитриеска, на почетокот информира дека документите на Фатиме Фетаи се некомплетни и дека Советот не пристапува кон гласање.