Грковска: Лицата кои се на црна листа во други држави треба да се процесуираат и кај нас

Владата треба да создаде правни предуслови за тука, во земјава, во рамки на македонскиот правосуден систем, да се процесуираат лицата кои се ставени на црна листа во други држави, порача денеска вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.
На брифинг со новинарите, сумирајќи го сработеното во годината што е пред крај, Грковска информираше и дека во однос на Етичкиот кодекс, досега се изречени писмени опомени за 12 функционери, избрани и именувани, за различни прашања. Кај некои функционери, напомена, Кодексот нема никаков ефект, а кај некои се забележуваат промени во однесувањето.
„Многу лоша порака е да се види дека лицата кои се ставени на црна листа во други држави, кај нас се однесуваат како ништо да не се случило. За тоа мора да има последици, во легална процедура, но тоа треба да е поттик и за истражните и за правосудните органи поефективно и поефикасно да ја вршат својата работа. Меѓународната поддршка е секогаш добредојдена, но задача на домашните институции е преку правниот систем целата процедура да има завршница и да се види дека има последици за оние што го прекршиле законот“, истакна Грковска.