Скопје достави до ЕУ патоказ за реформи и рокови

Институциите решија кои ќе бидат приоритетите во владеењето на правото и јавната администрација од чие исполнување ќе зависат отворањето и текот на преговарачките поглавја. Скопје до Брисел ги доставило двата патоказа кои одредуваат кога и кои реформи ќе бидат имплементирани. Најголемиот дел од нив предвидуваат двотретинско мнозинство во Собранието. На пример, предвидени се измени на законите за Судски совет и Совет на јавни обвинители до 2026 година, кои се однесуваат на критериумите за избор на членови во овие тела.
До 2026 година земјава се обврзува да го измени и Законот за јавно обвинителство за да се зајакне прераспределбата на предмети, но и да усвои нов Кривичен законик до 2025 година. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ очекува власта и опозицијата да соработуваат и со 80 гласови да ги донесат измените. Маричиќ оценката ја темели на минатонеделната дебата во Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, каде и пратениците од опозицијата дадоа зелено светло за текстот на патоказите кој денеска беше испратен во Европската Комисија. Тој рече дека тоа бил добар чекор во добра насока.
„Повеќе не е доволно да кажете „ние сме за ЕУ“, туку ќе имаме една сериозна агенда согласно патоказите и доколку не ја исполнуваме ние самите ќе бидеме во задоцнување. Сè повеќе од нас ќе зависи нашиот пат кон ЕУ, а сè помалку од другите. Товарот е врз нас, врз Владата и Собранието и сум убеден дека ќе има слух, како што имаше слух и минатата недела. Усвојувањето на патоказите на некој начин обврзува опозицијата во најмала рака да биде активен учесник во овој процес“, рече Маричиќ.
Сега следува и Брисел да го одобри текстот на патоказите што ги понуди Македонија. Но, сепак за закажување на Втората меѓувладина конференција остануваат уставните измени. Според Маричиќ, ако ВМРО-ДПМНЕ имала храброст, тоа ќе било завршено уште оваа година.
„Оваа 2023 година беше промашена само за опозицијата, бидејќи ние како Влада направивме навистина многу. Јас се надевам дека наредната 2024 година ќе го обновиме политичкиот консензус за ЕУ, бидејќи тој не е доволно да биде само на ниво на реторика и начелни политички заложби, туку и на ниво на носење на крупни политички одлуки кога тие треба да се донесат“, додаде Маричиќ.
Маричиќ повтори дека наша заложба е полноправно членство во Унијата до 2030 година, заедно со Албанија, Србија и Црна Гора.
Лука Андреев