Општина Тетово го доби најголемиот проект во последните две децении

Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, денеска соопшти дека општина Тетово го добила најголемиот проект во последните две децении. Станува збор за изградба на фекална и атмосферска канализација, примарна и секундарна мрежа со пари од европските фондовите. Ќе бидат опфатени и околните села. Реализацијата на овој проект се очекува да започне во јули, а работите ќе траат околу две години.
„Денеска сме тука да ја соопштиме најважната вест за градот и граѓаните на Тетово. Веста се однесува на големиот проект во рамките на ИПА 2 програмите од буџетската рамка 2014-2020 година кој вклучува изградба на канализациски систем, примарна и секундарна мрежа за градот и вклучување на граѓаните за селата Порој, Мала Речица, Голема Речица и Фалиште. Тендерската документација за проектот за изградба на колектор и отпадни води е одобрена од ЦФЦД, при Министерството за финансии и истата на 26.12.2023 година е објавена на нивната официјална веб-страна. Проектот за кој станува збор е започнат од 2014 година, а во него се вклучени станица за филтрирање на отпадни води во село Фалиште, примарна и секундарна канализациона мрежа за Тетово, но и примарна и секундарна мрежа за селата Голема Речица, Мала Речица, Порој и село Фалиште“, рече Касами.