Илиоски и Акиевска, најдобрите спортисти во Македонија за 2023 година

Агенцијата за Млади и Спорт на свечена церемонија ги избра најдобрите спортисти во Македонија за 2023 година. Најважните признанија отидоа кај кик-боксерот Бобан Илиоски и натпреварувачката во боди-билдинг Мери Акиевска кои се прогласени за спортисти на годината, во машка и женска конкуренција.
Илиоски годинава стана светски шампион во лоу кик во категорија до 86 килограми и освои бронзен медал на европското првенство во маи таи. Во финалето од Светското првенство што се одржа минатиот месец во Португалија, тој го победи Нурбек Урибошев од Узбекистан со 3-0. Акиевска е тројна светска шампионка во боди-билдинг и вторпат во последните три години е прогласена за спортистка на годината во Македонија.
И останатите награди ги добија натпреварувачи во индивидуални спортови. За најдобар млад спортист е прогласен каратистот Витомир Трајковски, најдобра млада спортистка е каратистката Милија Рељиќ, а за најдобар тренер-селектор е прогласен Дејан Митровски, предводник на репрезентацијата во маи-таи и кик-бокс.
Наградата за најдобра женска репрезентација ја доби сениорската ракометна селекција на Македонија, а најуспешна федерација е Одбојкарската која успешно организираше една од групите на Европското првенство во сениорска конкуренција./Sport1.mk/