Со нова стратегија се предлага комплетен ремон на правосудството

Правосудниот систем е на најниско можно рамниште, оценува академикот Владо Камбовски. Тој е претседателот на работната група што ја изготуваше новата Развојна стратегија во правосудството 2024-2028 година и тој очекува преку неа да се заузда, како што вели, политичкиот фактор кој влијае во судските процеси. Камбовски вели дека Стратегијата во голем дел се темели на извештаите на Брисел. Европската Унија повеќе пати реагираше за застарувањето на предметите, а во оваа насока Камбовски откри дека се работи на нов Закон за кривична постапка.
„Се зајакнуваат овие инструменти за дисциплинирање на учесниците во постапката, посебно Јавното обвинителство во однос на роковите во кои мораат да постапуваат во истрагата и поднесувањето на обвинението и исто така во делот на одлагањето на главните расправи од страна на судовите“, рече Камбовски.
Дел од Стратегијата е и усвојување на нов Кривичен законик. Академикот ги оцени последните измени на овој законик, со кој застареа голем број предмети на СЈО, како предмет на политички договор. Тој најави целосно нов Закон, што ќе ги врати поригорознитe казни за злоупотреба на службена положба на функционерите, но со прецизираење на штета и висината на казната.
„Предаден е на Министерството за правда и тој ги враќа овие работи што беа опфатени со ад-хок измените на вистинското место и врши и други интервенции во однос на одговорноста на службените лица“, додава Камбовски.
Развојната стратегија е усогласена и во Патоказот за владеењето на правото што Скопје вчера го испрати во Брисел и во кој се наведени конкретни рокови кога ќе се спроведат сите овие предвидени измени. За најголемиот дел од нив потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Камбовски вели дека никој не би пронашол сериозни аргументи против најавените измени, освен ако процесот не се сведе на политички пазарења.
„Тоа диференцирање кој е за Европа, а кој не за Европа, не го гледам низ вербална прокламација за Европа. Сме за Европа, ама ако го изодиме овој пат на етаблирање начелото на владеење на право, со централна позиција на судството“, вели Камбовски.
Дел од новините се и измена на изборот на членови на Судскиот совет и преиспитување на нивната одговорност. Воедно, најавена е и промена на образовниот материјал на Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи, како што рече Камбовски, правните факултети во земјава не продуцираат подготвен кадар.
Лука Андреев