Израелски тенкови навлегоа длабоко во град во централниот дел на Газа

Израелските тенкови денеска (28.12) навлегоа длабоко во град во централниот дел на Газа, по неколкудневно немилосрдно бомбардирање што принуди десетици илјади веќе раселени палестински семејства повторно да бегаат во потрага по засолниште.
Палестински новинар објави слики од израелски тенкови во близина на џамија во станбената област Буреиџ, кои навлегле од овоштарник во источната периферија.
Понатаму на југ во Појасот Газа, израелските сили нападнаа област околу болницата во срцето на Кан Јунис, најголемиот град на југот на палестинската територија, каде жителите стравуваат од нови напади на територија преполна со семејства кои останаа без покрив над главата во текот на 12 недели војна.
Израел нагло ги засили копнените операции во Појасот Газа непосредно пред Божиќ и покрај јавните молби од најблискиот сојузник, САД, Израел да ги намали операциите во последните недели од годинава.