ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти кандидатите за министри во техничката Влада по 19-ти јануари
ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти кандидатите за министри во техничката Влада по 19-ти јануари

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти кандидатите за министри во техничката Влада по 19-ти јануари. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски веќе изјави дека тој лично е за учество на опозицијата во ваквата Влада, но ставот треба да го потврдат партиските органи. Во интервју за „Прес24“, Мицкоски денеска не ја исклучи можноста технички министер за внатрешни работи повторно да биде Наќе Чулев. Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за укинување на техничката влада и тој нема да биде променет под притисок на ДУИ. Воедно, лидерот на опозицијата упати низа критики на адреса на партијата на Ахмети.
„..впрочем се крадци кои се занимаваат со тендери и провизии. Сега поради слабоста на СДСМ тие од техничката влада направија мегдан за пазарење и избоксуваа технички премиер. Токму поради тоа се боревме и предлагавме укинување на техничката влада“, рече Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Функционирањето на техничката Влада треба да биде главна тема на средбата Ковачевски-Мицкоски. Датумот сè уште не е договорен.
„Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување. Јас го разбирам него. Сака да имаме средба, потоа тој кај него во партија да им раскажува работи кои не се случиле, да им создава лажна надеж и на тој начин да создава привид за некакво единство, за да ја доддржи партијата во која има евидентно незадоволство по повеќе основи“, додаде Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас не гледам потреба да имаме тајни средби. Кога ќе имаме средба ќе имаме средба којашто ќе се случи на јавен простор, дали во Клуб на пратеници, дали во Собрание или на улица „Македонија“ во кафуле.
Ние имаме комуникација на партиско ниво, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е во редовна комуникација со заменичката претседателка на СДСМ“, нагласи Димитар Ковачевски – премиер.
Премиерот Ковачевски рече дека техничката Влада ќе биде изгласана во Собранието до 28 јануари, односно 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Иако се очекуваа повеќе детали во однос на настапот на изборите, Ковачевски кажа дека поради новогодишните празници сè уште немаат разговорано со претставници на ДУИ за евентуални заеднички листи./Алсат.мк
Лука Андреев