Мицкоски не гледа еднакви услови за изборите
Мицкоски не гледа еднакви услови за изборите

ВМРО не гледа услови за фер избори и тоа се гледа од илјадниците активни огласи за вработувања во јавната администрација во очи изборите, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Вевчани запрашан дали власта создава услови за фер избори. Тој го спомна празното место во Државната изборна комисија кое му припаѓа на албанската опозиција, а кое власта не го пополнува.
Шефот на македонската опозиција се уште не ги одредил имињата со кои неговата партија ќе биде претставена во техничката влада. На оваа партија, согласно законот за Влада, и следуваат министерството за внатрешни работи и министерството за труд и социјална политика. На ВМРО-ДПМНЕ и следуваат и тројца заменици-министри, во администрација, финансии и земјоделство. За техничката влада најавена е средба на Мицкоски со премиерот Ковачевски, за која сега вели дека може да се направи и по телефон.
Техничката влада треба да се гласа најдоцна на 28 јануари, 100 дена пред изборите на 8 мај. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе гласа воздржано во Собранието, бидејќи смета дека нејзиното раководење од кадар на ДУИ е нелегитимно, во случајов, од Талат Џафери.
Политичките партии сé уште не ги објавиле имињата на своите кандидати за претседателската трка, но велат дека тоа ќе го сторат во февруари./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши