Дарио Ивановски, ги откажа сите настапи во сала оваа зима!

Дарио Ивановски, донесе одлука да ги откаже сите настапи во сала оваа зима, и целиот свој фокус ќе го насочи кон обезбедување на пласман на маратонот на Летните олимписки игри во Париз.
„Иако сме потполно свесни дека Дарио и понатаму е во животна форма и комотно може да ја сруши границата од осум минути на 3.000 метри, со што му е загарантирано учество на Светското првенство во сала во Глазгов и нова балканска титула, сепак нашата заедничка одлука е издржана и чисто професионална заради остварување на најголемата спортска слика и олимпискиот сон за кој живее и работи секој спортист на планетата – учество на Летни олимписки игри“, објави тренерот на Дарио, Игор Јакимовски.
Ова значи дека Дарио зимскиот период ќе го помине во темпирање на формата за нов одличен маратонски настап, како оној во Валенсија, и со тоа да обезбеди учество на Игрите во Париз./Gol.mk/