ЕСП: ДУИ преку своите членови во Судски врши притисок за смена на Адеми

Главната пречка за интеграцијата на земјата во ЕУ и владеењето на правото е ДУИ, сметаат од Европскиот сојуз за промени. Од опозициската коалиција велат дека меѓународниот фактор веќе жестоко ја критикува ДУИ за влијание врз судството, особено по притисокот врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, за враќање на Никола Груевски. Според нив, ДУИ врши притисок преку членовите на Судскиот совет.
„Милазим Мустафа, денеска член на Судскиот совет, беше советник на тројца министри за правда од редовите на ДУИ, Аднан Јашари, Валдет Џафери и Билен Салији, токму тој ја покрена иницијативата за разрешување на Беса Адеми и на едно од рочиштата кога била на распит, според медиумите и се заканувал со затвор. Селим Адеми, денес член на Судскиот совет, порано секретар на општина Гостивар кога градоначалник беше Невзат Бејта и советник во Министерството за правда додека министер беше Блерим Беџети. После сите овие факти презентирани заедно, можеме да заклучиме дека злото, корупцијата и мешањето во судството имаат име“, рече Ардијан Демири, Европски сојуз за промени.