ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

САД сакаат да го чујат планот на ВМРО за патот кон ЕУ

Високиот претставник на САД за регионот, Џејмс О’Брајан, говорејќи за уставните измени и претстојните избори во земјава, повторно побара одговор како ќе се продолжи по евроинтегративниот пат. О’Брајан јавноста го поамети кога во ноември лани изјави дека не би гласал за некој што вели дека има подобра понуда, а не кажува каква, алудирајќи на ВМРО. Тој денеска од Скопје повтори дека САД сакаат Македонија да ја видат во ЕУ, а во однос на претстојните парламентарни изборите останува на истиот став кој го кажа есента.

Advertisements

„До граѓаните на Северна Македонија е да одлучат за нивниот пат напред. Мислам дека една партија предложи пат што води напред и секако трпи критики зашто на некои луѓе им се допаѓа или не им се допаѓа тој начин. Мислам дека друга партија ветува дека ќе најде пат што води напред и мислам дека е фер граѓаните можеби да ја прашаат таа партија да напише некаков нон-пејпер и да објасни каква е нивната визија. Па потоа одлучете, помеѓу визијата што ја знаете и она што е ветување“, рече Џејмс О’Брајан – помошник државен секретар за европски прашања на САД.

О’Брајан ова го одговори на прашањето дали меѓународниот фактор притиска за нон-пејпер меѓу партиите од албанскиот блок од земјава, со кој тие би се обврзале да не коалицираат со партии што нема да дадат зелено светло за уставните измени. Тој одговори дека не знае за таков план.

Инаку, токму уставните измени и евроинтеграцијата се очекува да се најдат во фокусот на изборната кампања. Премиерот Димитар Ковачевски денеска истакна дека ќе ја предводи кампањата на СДСМ и негираше дека би бил министер во техничката Влада. Тој очекува ВМРО-ДПМНЕ во недела да гласа за кандидатите за министри во техничката Влада кои ќе бидат по предлог на опозициската партија. Од ВМРО-ДПМНЕ пак засега нема најава дека ќе го променат ставот.

„Секој треба да работи во согласност со законот и во согласност со демократските принципи – предлагате министри и нормално ги поддржувате тие министри, бидејќи не можете да очекувате да предложите министри, а некој друг да ги поддржува вашите министри. Такво нешто не постои во светската практика и сметам дека има доволно денови за тоа да се направи до недела“, рече Ковачевски.

Последно од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ќе предложат имиња за министри и заменици-министри, но нема да гласаат за Влада што би ја предводел Талат Џафери. Ковачевски пак, најави дека во ваков случај ќе бил предложен состав за техничка Влада на кој ќе бидат празни местата што ѝ припаѓаат на опозицијата. На ВМРО-ДПМНЕ им следуваат министерските позиции во внатрешни работи и труд и социјала, како и тројца заменици-министри – за финансии, администрација и земјоделство.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button