Средба ЕУ – Западен Балкан во Скопје, план за раст од 6 милијарди €
Средба ЕУ – Западен Балкан во Скопје, план за раст од 6 милијарди €

Брисел и шесте земји од Западен Балкан денеска во Скопје разговараа за придобивките од Планот на ЕУ за раст на регионот. Овој план тежи шест милијарди евра. Од нив 4 милијарди се заеми, а две милијарди неповратни грантови. Од планот ќе можат да се користат средства откако земјите ќе спроведат одредени реформи. Сепак во фокус е поедноставување на процедурите меѓу балканските земји, особено во економијата, кои преку основање на заеднички пазар во иднина би се приклучиле на европскиот внатрешен пазар. Високите претставници на ЕУ и САД повикаа при реализацијата на оваа идеја, државите да не си поставуваат вета, бидејќи во спротивно нема да имаат придобивки.
„Поставивме еден услов во овој План за раст – не смее да си ги блокирате соседите. Сакаме да ни се приклучите, а вака единствено можете да се блокирате самите себе. Немојте да ги блокирате соседите и ќе ни се приклучите, но ако блокирате вашиот пристап на внатрешниот пазар нема да се случи“, рече Герт Јан Копман – Директорат за проширување во ЕК.
„Во овој процес никој нема да постави вето. Секоја земја ќе си работи засебно, но никој нема да го блокира процесот зашто има некое нерешено билатерално прашање. Оној што тоа ќе се обиде да го направи сам ќе си ги трпи последиците“, нагласи Џејмс О’Брајан – помошник државен секретар на САД за европски прашања.
Сите лидери присутни на состанокот ги поздравија идеите, особено оние за помали давачки при трансфер на пари од ЕУ кон Западен Балкан, како и намерата превозниците на стока од регионот да ги користат т.н. зелени ленти за побрз трансфер на роба до земјите од Унијата. Сепак, косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во своите говори не изоставија да го искоментираат апелот на Брисел и Вашингтон да не поставуваат меѓусебни сопки.
„Засилената интеграција и зголемен проток на стоки и луѓе бара меѓусебна доверба и нормализација на односите меѓу нашите земји, нашите институции и луѓето. Ова не може да се случи ако слободата за проток се користи за проток на оружје и муниција или за да се спонзорираат терористички напади“, рече Албин Курти – премиер на Косово.
„Не верувам дека ќе имаме некаков вид на политички проблеми, некој некого да стопира или некој да презема мерки против некого“, рече Александар Вучиќ – претседател на Србија.
Домаќинот Димитар Ковачевски истакна дека Планот за раст го отвора патот кон Единствениот европски пазар, кон просперитетот и – како што додаде, полноправното членство во ЕУ до 2030 година. Албанскиот премиер Еди Рама пак, изјави дека земјите од Западен Балкан треба да ги стават потребите на своите граѓани на прво место и да ги остават настрана политиката и историјата, за да ја искористат можноста за пристап до единствениот пазар на Европската унија./Алсат.мк
Лука Андрев