Поради албанската паралелка блокади на улиците во Чашка

Од рано изутрина започна протестот на жителите на општина Чашка со блокада на патиштата. Покрај тоа што не дозволуваат да се отвори паралелка на албански јазик, демонстрантите бараат да се пензионира и сегашната директорка и да ѝ се вратат овластувањата на општина Чашка.
Жителите велат дека никогаш немале меѓуетнички проблеми во општината, а некои пак и не знаеја дека патот денеска е блокиран. Друг дел од граѓаните отворено рекоа дека се против настава на албански во училиштето.
Како што се проценува, протестите ќе продолжат и во текот на следните денови.
Градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, кому му се одземени ингеренциите за училиштето „Тодор Јанев“ каде жителите не дозволуваат настава по албански, побара од институциите да го решат проблемот.
Поради протестот и блокирањето на патот, ниту еден од околу 150 ученици Македонци и Албанци од основното училиште „Тодор Јанев“ и денеска немаа настава. Со отворањето на паралелата на албански јазик во ова училиште почнаа и проблемите во општината. Демонстрантите речиси три месеци бараат враќање на овластувањата на општина Чашка во образованието, оставка на актуелната директорка и преместување на албанската паралелка во друго село.
Авни Тахири