Демонстранти во Чашка ја нападнаа екипата на Алсат
Демонстранти во Чашка ја нападнаа екипата на Алсат

Демонстранти кои се против настава на албанскиот јазик во Чашка ја нападнаа екипата на телевизија Алсат.
Додека новинарот и снимателот беа на должност, односно го следеа протестот на жителите, некои од нив почнаа да ги навредуваат на етничка основа. Дури и дворот на општината го сметаа за свој имот и побараа екипата да си замине.
Покрај дел од демонстрантите, работата на Алсат се обиде да ја попречи и вработен во општина Чашка. Тој не дозволи новинарот да добие изјава од градоначалникот.
По напорите на нашата екипа, се сретнавме со градоначалникот, Горан Стојановски, кој јавно се извини за инцидентот.
Здружението на новинарите и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници реагираа за инцидентот.
„Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бараат објаснување од општината во врска со попречувањето на влезот на новинарската екипа во јавна установа. Сакаме јасно да нагласиме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критично значење за слободата на изразување и информирање во едно демократско општество. Насилството и попречувањето на новинарите во извршувањето на нивните професионални должности е неприфатливо, не е во согласност со демократските вредности и придонесува за цензура“, велат од ЗНМ-ССНМ.
Во последните шест години новинарите и медиумските работници се соочија со бројни физички и вербални напади. Според последните измени во Кривичниот законик, напад врз медиумски работник се смета како напад врз службено лице. Па, така за упатени закани по живот кон медиумски работници, за напаѓачот е предвидена парична казна или казна затвор до 6 месеци. Доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност, казната може да биде до една година затвор. Доколку се примени насилство врз овие лица, тогаш казната затвор е од три месеци до три години./Алсат.мк
Авни Тахири