
Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, се најде во проблеми и се соочува со дисциплинска казна од страна на клубот.
Имено фудбалерот му пријавил на Ерик Тен Хаг дека е болен и не се чувствува добро, па пропушти клупски тренинг пред натпреварот од ФА Купот со Њупорт.
„Рашфорд е болен, Еванс исто така, ќе видиме како ќе оди заздравувањето. Имаме одморно играчи, се враќаат и дел од повредените: Мартинез, Шо, Мегвајер, Касемиро“, кажа Тен Хаг.
Сепак, потоа се појавија видеа на социјалните мрежи на кои се гледа дека само неколку часови пред тој тренинг Рашфорд е во ноќен клуб. Извори блиски до фудбалерот велат дека тој бил прво на вечера, а потоа беше фотографиран и снимен во ноќен клуб во Белфаст.
Тен Хаг во Манчестер Јунајтед покажа строгост и за очекување е Маркус Рашфорд да добие санкција од клубот.