Охрид, болничарка избркана од работа: „Ми рекоа дека ќе ми земат од одморот, но…“

По 12 години работа како болничарка во општата болница во Охрид, 49 годишната Виолета Тодороска добила отказ од работното место. Шест години работела како волонтер, по што добила решение за работа. Но, во втората половина на минатата година поради одредени болести вели дека била принудена да зема боледувања на неколку пати. Од работа била отсутна речиси два месеци. Но, тврди дека цело време била покриена со соодветна документација.
„Јас бев комисиски на боледување бидејќи имав проблеми со раката. Потоа отворив боледување на инфективно бидејќи ме фати многу грип. Потоа бидејќи имам тироидна жлезда, доктор Ангелеска ми отвори 15 дена боледувања. Требаше да почнам на работа, но паднав во купатило. Отидов во костозглобната болница, каде лекарот ми отвори 15 дена боледување. И во тој период од интерно боледувањето и костозглобна, 3-4 дена не се јавив на работа и ме избркаа. Ми ветија и главната сестра Анета Волканоска дека ќе ми ги покријат овие денови или од одмор или да ме казнат“, вели Виолета Тодороска, поранешна вработена во болницата во Охрид.
Пуштила жалба на решението на болницата, но и после два месеци вели дека не добила никаков одговор. Виолета живее сама во лошо услови, без струја и греење.
„Нивната одлука е на 10.11 решена, а истиот ден сум била одјавена, а мене ми го доставија решението на 16.11. За мене ова е нечовечко… Ме оставија без струја, дрва и без храна. Ми даваат комшиите, кумовите, мајка ми исто ми подава по нешто. Тоа не е решение…“, додава Тодороска.
Виолета работела на повеќе одделенија во болницата во Охрид. На одделите за геријатрија и инфективно. Последна работна позиција ѝ била болничката перална. Во образложението од болницата за отпуштањето стои дека дека Виолета не се јавила на работа повеќе од три работни дена и оти за тоа не доставила оправдување. Алсат се обиде да добие одговор од директорот на болницата Асен Шајн. Ни рече дека е на состанок и оти подоцна ќе нè побара. Но, досега не одговори на нашите прашања.
Мики Трајковски