Илјадници летови откажани поради штрајк на германските аеродроми

Десетици илјади патници кои планираа да патуваат со авион денеска (1 февруари) се блокирани поради штрајкот на чуварите на аеродромите низ Германија. Овој е последниот штрајк на работниците што ја погоди најголемата европска економија.
Најмалку 1 100 летови се откажани на 11 аеродроми, вклучувајќи го и Франкфурт, најпрометниот аеродром во земјата, како и главниот град Берлин, соопшти германската аеродромска федерација АДВ.
На аеродромот во Франкфурт откажани се 310 од 1 120 дојдовни и појдовни летови, иако подоцна во текот на денот би можеле да бидат најавени други откажувања, изјави за АФП портпаролот на аеродромскиот оператор Фрапорт.
Берлинскиот аеродром објави дека во четврток нема да има летови од терминалот, кој во просек опслужува околу 50 000 патници дневно.
Други аеродроми погодени од штрајкот се Хамбург, Бремен, Хановер, Келн, Дизелдорф, Лајпциг, Дрезден, Ерфурт и Штутгарт. Аеродромите во Баварија, вклучувајќи го и Минхен, кој е втор најфреквентен по Франкфурт, не се погодени од штрајкот.