
НБА лигата го објави списокот на ѕвездите за новиот „Ол-стар“ спектакл, при што Стивен Кари од Голден Стејт Вориорс по десетти пат беше именуван во тимот на Западната конференција, а играчот на месец јануари во лигата, Девин Букер од Феникс Санс, по четврти пат се најде во ѕвездениот тим.
Покрај овие двајца, во резервите на тимот од Западната конференција се и центарот на Лос Анџелес Лејкерс, Ентони Дејвис, кој го бележи својот деветти настап, потоа двоецот од Минесота Тимбервулвс, Ентони Едвардс и Карл-Ентони Таунс и ѕвездите на Лос Анџелес Клиперс, Каваи Ленард и Пол Џорџ.
Членовите на Њујорк Никс, Џејлен Брунсон и Џулиус Рендл ја предводат резервната група на Истокот. Тука се и центарот на Мајами Хит, Бам Адебајо, Паоло Банкеро од Орландо, Џејлен Браун,од Бостон, Тајрис Макси од Филаделфија и Донован Мичел од Кливленд.