Нема решение за градинките во Струга, без статус над 20 воспитувачки и негувателки

На скандалот кој деновиве ја тресе Општина Струга, со над 20 негувателки и воспитувачки кои од вчера не одат на работа, не му се гледа крајот. Негувателките и воспитувачките не сакаат да работат за само 10.000 денари и без здравстевно и пензиско осигурување. Од Општината ни рекоа одговори да бараме од градинката. А, таму, директорката засега не споменува решение на проблемот.
„Во моментов не би можела да дадам конкретен одговор за тоа дали ќе се реши нивниот статус, но би истакнала дека во текот на вчерашниот ден беше извршен телефонски разговор со Министерството за труд и социјална политика и остваривме средба со вработените во Општина Струга…“, вели Сања Колеска Србоска, директорка.
Директорката вели дека и двата објекта на градинката работат, иако добар дел од родителите ни вчера, ни денеска не ги донеле децата. Техничкиот министер за труд и социјала, Ѓоко Велковски, знае за проблемот.
„Што да очекуваме од градоначалник кој е на црната листа на САД. Ќе ја отвориме целата ситуација да видиме каде се недостатоците на системот. Ќе видиме дали се побарани согласности за вработување од Министерството за труд и социјална политика од страна на градинката и општината и дали ако истите се стигнати, се препратени во Министерството за финансии“, вели Велковски.
Последната понуда за вкупно 21 негувателка и воспитувачка е да добиваат меѓу 9.000 и 15.000 денари плата, нешто што тие го одбиле. Бараат да ја земаат законската минимална плата од 20.000 денари.
„Има постојани ветувања, обратени сме на сите страни, но засега нема решение на проблемот“, вели Емилија Мариноска Пејчиноска- вработена во детска градинка.
„Бараме од институциите да го решат овиој проблем за вработените во градинка да им дадат решение. Тие чекаат по шест-седум години. Малку се платени. И ние ги подржуваме и родителите. Мора да се реши ова“, рече Назифи Маудет, вработена со решение.
Во детската градинка во Струга има 500 деца и уште толку се на листа за чекање.
Мики Трајковски