ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО ѝ одговори на Агелер околу планот за ЕУ-интеграцијата

ВМРО-ДПМНЕ е свесна за заинтересираноста на јавноста за планот за евроинтеграцијата на Македонија – ова го истакнаа од партијата откако вчера во ТВ интервју американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека би била задоволна ако дознае какви решенија нуди опозицијата за уставните измени.

Advertisements

„Како политичка партија потврдивме дека на изборите што следуваат ќе го понудиме решението кое пред сè значи Европска Унија за Македонија преку интеграција и идентитет. Интеграција значи без двојни критериуми, разговор за човековите права и кога веќе се отвора ова прашање треба да се зборува и за човековите права на Македонците во Бугарија“, рече Марија Митева – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, процесот на уставни измени може да го отежни составот на идната политичка Влада и не ја исклучува можноста да се пролонгира мандатот на техничката, па дури и да се распишат нови избори.

„Доколку после изборите на 8 мај не може да се создаде политичка Влада, бидејќи ќе нема парламентарно мнозинство, постизборно се отвора патот на т.н. бугарско сценарио – Македонија да нема формирано политичка извршна власт, односно да функционира со техничка Влада“, рече Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

Според Атанасовски, во случај да се избегне варијантата за нови избори, собранискиот состав ќе биде притиснат да ги стави на дневен ред уставните измени.

„Веројатно ќе имаме конституиран собраниски состав после8 мај, кој дефинитивно ќе се занимава со изгласување на уставните измени, па потоа ќе се формира, условно кажано, политичка Влада – дали таа ќе биде класична политичка Влада од тие политички партии што ќе обезбедат мнозинство од 61 пратеник или ќе биде широка Влада на национален спас, каде сите политички партии, со исклучок на Левица, би партиципирале за да споделат одговорност“, додава Атанасовски.

Инаку, во однос на уставните измени амбасадорката Агелер кажа дека САД би биле разочарани ако тие не се усвојат, но оти Вашингтон сепак и во иднина ќе ги помага европските аспирации на земјава.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button