Пет иницијативи поднесени до Уставниот суд за личните карти, возачките дозволи и пасошите

Пет иницијативи се доставени до Уставниот суд за лични карти, возачки дозволи и пасоши и толку предмети се веќе оформени. Иницијативите се однесуваат на периодот на издавањето на овие лични документи, односно на нивното времетраење зашто некои се уште се со важност, како и на слободата на движење која е ограничена, рече денеска претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.
Според Кацарска, граѓаните треба да знаат дека слободата на движењето не е надлежност на Уставниот суд. Ако беше, како што напомена, воведена уставната тужба, тогаш тие ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое барање, секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот.
-Точно е дека во Судот се пристигнати, чинам, пет предмети. Оформени се пет предмети. Сите се доставени до тимови, судија известител и советник на Судот. Во однос на временскиот период кога ќе бидат тие предмети ставени на седница, не би можела да ви одговорам зашто тоа зависи исклучиво од тимот што работи, а јас никогаш не се мешам во работат на судијата и на советниците. Се работи за она што е актуелно во нашата држава – за личните карти, за возачките дозволи и за пасошите. Конкретно не можам да кажам што е оспорено, но секако дека е оној период на издавање на личните документи, нивното времетраење, зашто има некои документи кои се се уште со важност, и слободата на движење која е ограничена на овоиј начин. Но, тука граѓаните би морале да знаат дека слободата на движењето не е надлежност на Уставниот суд, истакна Кацарска