Може ли кај нас да се врати воениот рок? Еве што вели министерката Петровска

Македонија ги слуша идеите за враќање на воениот рок кои главно кружат во земјите од опкружувањето, но и пошироко во регионот, вели во интервју за МИА, Министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Таа смета дека тоа не е добра идеја односно дека професионалната војска која што ја имаме сега е подобро решение.
„Концептот на доброволно служење на воениот рок го напуштивме некаде 2005-2006 година и лично, ако јас се прашувам и како граѓанин, меѓутоа и како министер за одбрана, ќе кажам дека тоа е една од подобрите одлуки кои биле донесени во развојот на македонската Армија. Денеска имаме професионална армија, значи до 45 години се војниците кои се како професионални војници. Меѓутоа се разбира потоа постојат и други структури во Армијата од офицерскиот дел итн. рече Петровска.
„Кога зборуваме за враќање, можност за враќање на воениот рок, треба да знаеме кои се последиците или предизвиците можеби со кои би се соочувале како држава. Прво и првенствено немаме зголемена безбедносна закана за да го враќаме служењето на воениот рок. Меѓутоа и не само од аспект на закана, тоа ќе значи вложување на многу дополнителни финансиски средства и што е уште поважно тоа ќе значи дека на сите оние коишто ќе наполнат 18 години, ако тој биде задолжителен како што се размислувањата, идеите…, младите од 18 години нема да можат да бидат активни на пазарот на труд во тој период, ниту пак да го продолжат навремено образовниот процес. Така што тоа се во денешно време, кога знаете како младите жедни би рекла или да научат нешто повеќе или да заработат, прекратувањето или одлагањето на тоа нивно право мислам дека повеќе ќе биде на штета не само на нив, туку и на државата“, додава Петровска.