
Неколку европски земји ги повикаа руските амбасадори на разговори по минатонеделната смрт на главниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални.
„Политички мотивираното судење против Навални, како и многу други критичари на руската Влада, како и нехуманите услови на притвор ја покажуваат бруталноста со која руското правосудство се однесува кон оние кои мислат поинаку, а исто така и средствата со кои претседателот Владимир Путин ја потиснува слободата на изразување“, се наведува во соопштението на германското Министерство за надворешни работи.
Берлин исто така бара од Москва да ги ослободи сите политички затвореници во Русија, како и да ги разјасни околностите за смртта на Навални, кој, според руските власти, на 16 февруари починал во затвор и да му дозволи на семејството пристап до посмртните останки.
Од петокот стотици демонстранти протестираат пред Амбасадата на Русија во центарот на Берлин. Во 2020 година, по обидот за труење, Навални се лекуваше во Берлин.
И Министерство за надворешни работи на Финска соопшти дека го повикало на консултации рускиот амбасадор за „да се нагласи дека Русија е одговорна (за смртта на Навални) и да побара целосна и транспарентна истрага.
„Продолжуваме да повикуваме на ослободување на сите политички затвореници во Русија“, објави финското МНР на платформата Икс.