Цела година наставата во средното угостителско во Охрид е онлајн

Повеќе од две години се реновира средното угостителско училиште во Охрид. Поради одолговлекување на работите, повеќе од 230 ученици од почетокот на учебната година настава следат од дома, односно онлајн. Како што за сега стојат работите, a од она што може да се види и на лице место, тешко дека до јуни ќе се вратат во училишните клупи.
„Сме загрижени за ситуацијата во која се најдоа нашите деца со онлајн учењето кое веќе трае цела година. Неколку пати имаме реагирано до менаџментот на училиштето со кој имаме многу добра соработка и имаме изврешно неколку контроли на изведувачот“, рече Марко Ѓорѓиоски, претседател на совет на родители.
Фирмата изведувач е главен виновник за одолговлекувањето на работите вели директорот Радески, иако првичниот рок за завршување на работите бил 18 месеци.
„Реакции имаше и од родители и од ученици бидејки настава се одвива он лајн, но на крај мора тие градежни активности да се завршат за да може училиштето да го добие оној предвиден изглед кој е зацртан“, изјави Марјан Радески, директор.
Училиштето е од ’63-та година, а последен пат градежни работи се изведувале пред 20 години. Од МОН велат дека се работи за капитална инвестиција.
Министерство за образование:
„Поради крупната градежна инвестиција – темелна реконструкција на училишниот објект и ученичкиот дом, која е во тек, раководството на училиштето кое е задолжено за организирање на воспитно – образовниот процес, има донесено одлука за организирање на онлајн настава до завршување на активностите и за тоа е доставено известување до МОН“.
Онлајн настава додека траеше реконструкцијата имаше и во училиштето Браќа Миладиновци во Струга, за кое Алсат веќе пишуваше.
Мики Трајковски