Талат Џафери „ненадлежен“ за спорните грантови за Дрин Ахмети

Премиерот Талат Џафери воопшто нема намера да постапи по иницијативата на антикорупционерите за утврдување одговорност на првиот човек на Фондот за иновации, Фестим Халили. Антикорупциската комисија утврди нерегуларности во работењето на Халили за грантовите доделени на две фирми во сопственост на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Но, иако антикорупционерите побараа одговорност, а директорот на Фондот се назначува и разрешува од страна на Владата, според Џафери, во случајов тоа не била негова надлежност и побара да се почитува презумпцијата на невиност.
„Владата ниту е судија, ниту е обвинител“, рече Џафери.
Претходно, антикорупционерите за Алсат појаснија дека за утврдувањето одговорност се остава мерката да ја определи надлежниот орган и, како што велат, во овој случај тоа е Владата, која на располагање има опции – од опомена до разрешување на Халили. Сепак, Џафери денеска крена раце од предметот, а не ги коментираше во детали ниту критиките од страна на Брисел дека властите слабо постапуваат по иницијативите и препораките на Антикорупциската комисија.
„Брисел има критики по многу нешта, но по однос на ова прашање тоа не е надлежност на Владата. Антикорупциската комисија е независно тело формирано од Собранието, независно во својата работа“, додава Џафери.
Во конкретниот случај, Антикорупциската комисија утврди дека Фондот спорно овозможил проектите што ги работеле компаниите на Дрин Ахмети, „Тхор индустриес“ и „Еверест“ да го скратат времетрањето на реализација и покрај добиениот износ од пет милиони денари. Воедно компаниите доцнеле или воопшто не доставиле завршни извештаи, а Фондот не презел никакви мерки. Исто така Фондот не извршил ниту една теренска проверка за да види како тече реализацијата на проектите.
Лука Андреев