Македонија воведува забрана за летови од Велика Британија

До крајот на годинава сите летови од Велика Британија кон нашата земја се забрануваат поради ризик од новата варијанта на корона вирусот. Владата исто така им нареди на органите на редот и за здравствена заштита, да обезбедат сите патници кои влегуваат во земјата со какво било превозно средство од Британските острови да бидат ставени во домашна 14-дневна изолација. Додека владината одлука не се официјализира, најрано од задутре, меѓународниот аеродром во Скопје ќе функционира нормално со летови со Лондон. ТАВ објави дека ќе ја почитуваат одлуката за заштита на јавното здравје.
ТАВ АЕРОДРОМ СКОПЈЕ
„Летовите од аеродромот Лутон во Лондон до Меѓународниот аеродром во Скопје беа планирани за утре, за 22, 24 и 29 декември. Кога еден лет се откажува, авиокомпаниите се тие што ги информираат патниците кои резервирале авионски билет за овие конкретни летови.”
Првично, Белгија и Холандија воведоа забрани за летови со Велика Британија. Сега, покрај Германија и Франција, Ирска, Чешка, Летонија, Хрватска и Бугарија веќе донесоа одлуки за забрани на летови. Италија и Австрија исто така најавија дека ќе преземат соодветни мерки.
Нашата влада ги донесе овие одлуки врз основа на препораките на Комисијата за инфективни болести кои проценија дека постои ризик од новата верзија на коронавирусот кој 70% полесно се преносува.
Комисија за заразни болести
„Комисијата за заразни болести предложи 14-дневна самоизолација за патниците од Велика Британија. Ја направивме оваа проценка по информацијата дека новата Ковид-19 мутација се шири во Англија и според епидемиолошката анализа е многу заразна. Засега, Комисијата не ја разгледа можноста за воспоставување на задолжителен ПЦР тест за влез во земјата.“
Да потсетиме дека на 26 февруари нулта пациентот со Ковид-19 во земјава, беше патничката дојдена од Италија. Дури и тогаш, државата носеше одлуки за самоизолација и стави во употреба термални фотоапарати на аеродромите, но коронавирусот брзо се ширеше.
Во меѓувреме, вирусот во последните 24 часа кај нас однесе 22 животи. Регистрирани се 129 нови случаи од извршени 591 тест. 1.122 пациенти се водат како ново излекувани. Вкупниот број на дијагностицирани достигна 78.434, од кои 20.965 се активни. Починаа 2.314 пациенти, а 55.155 оздравеа.
Аднан Ќаили