Стигна и првиот пораз оваа сезона за Јаник Синер

Јаник Синер го доживеа првиот пораз оваа сезона, но не во сингл, туку во двојки на Мастерсот во Индијан Велс, а партнер му беше колегата од Дејвис Куп тимот на Италија, Лоренцо Сонего.
Италијанската комбинација загуби од Марсело Гранољерс од Шпанија и Орасио Себаљос од Аргентина со 7-6/0, 6-3. Ова беше прв настап на Синер во двојки на турнир од минатата есен, кога играше со Алекс де Минор во Пекинг.
Сепак, поважно за него е осминафиналето во сингл со американецот Бен Шелтон. Сезонава има скор од 14-0, а ако се смета и крајот на минатата година, непоразен е на последните седумнаесет меча.
„Во моментов играм со голема самодоверба, но на некој начин сум и многу претпазлив, бидејќи мечот лесно може да се преврти“, изјави Синер.
Ноќта помеѓу вторник и среда од 02:00 часот по средноевропско време на програмата е дуелот меѓу Шелтон и Синер.