
Во легализацијата на марихуаната премиерот Заев гледа можност за сериозен економски потенцијал на државата и за успех во борбата против употреба на тешките наркотици. Тој во своето вечерашно гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат не вети донесување на законот посочувајќи дека пратениците ќе го слушаат гласот на народот.
Како што рече Заев, при евентуалната имплементација на законот, најпрвин тој би почнал да се применува на определени подрачја на државата:
„Прво ќе биде во туристичките центри. Јас ги спомнав: Охрид, Струга, Ресен, Дојран, Маврово, Берово, но и Скопје е голем туристички центар…во едни такви околности би можеле да одиме прво со кафетериите, потоа би можеле да го легализираме и секаде, под исполнети услови, но и тоа ќе зависи од дебатата. Граѓаните може да одлучат да не се дозволи, може да се дозволи делумно…Јас би одел чекор по чекор за да бидеме повнимателни“, рече Заев.