Ликовните педагози против идејата за спојување на ликовно и музичко во еден предмет

Иницијативен одбор на ликовни педагози на РСМ и Детски ликовен центар-Скопје реагира на идејата на МОН за спојување на ликовно и музичко во еден предмет оти, како што велат, ќе се изгуби суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Тие сметаат дека е потребна поголема застапеност на часовите по ликовно, но и промена на моделот и програмата.
-За целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од прво до деветто одделение. Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од прво одделение со цел да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност. Предметот ликовно да е дел од програмата на средните стручни училишта со два часа неделно, особено училиштата (текстилно, архитектонско) во кое се јавува особена потреба од визуелна писменост, се вели во соопштението на Иницијативен одбор на ликовни педагози на РСМ и Детски ликовен центар-Скопје.
Тие сметаат дека со предложените промени, најмногу ќе изгубат учениците, но и наставниот процес во целина, бидејќи предметот ликовно образование е посебен предмет со свои специфични наставни содржини и истиот нема врска со изборните предмети.