Нема да има реконструкција на случајот „Монструм”

Адвокатите и обвинетите во Монструм денеска во суд побараа реконструкција на убиствата кај Смилковци. Судот го одби предлогот затоа што полицијата известила дека теренот на местото на злосторството бил изменет. Одбраната најави дека повторно ќе инсистира да се излезе на терен.
Во предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро што се случи на 12 април 2012 година обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток.
„Седум пати побаравме, седум пати судот одби. Ќе ја бараме уште 70 пати оваа реконструкција која е повеќе од потребна зашто ние практично докажуваме дека кодираниот сведок не ја кажува вистината. Судот се оправдува со самата конфигурација на местото, која е сменета, сменета за да не се најдат трагите и се спречува реконструкцијата, без разлика на конфигурацијата на местото“, рече Насер Рауфи, адвокат.