Пожар во Тетовско: „Вчера беше хеликоптер, но како да фрли бензин…“

Огнот веќе пет дена гори над селото Селце. Во последните денови пожарот дојде многу блиску до куќите. Жителите стравуваат дека може да им бидат запалени и куќите. Вчера покрај пожарникарите, интервенираа и хеликоптери, но безуспешно.
Жителите велат дека се исплашени и апелираат за брза реакција.
„Пожарот многу нè плаши, но нема кој да дојде да го изгасне. Вчера беше хеликоптер, но како да фрли бензин, уште повеќе се рашири. Ни се доближи до селото, гледаме дека стигна многу блиску…“
„Доаѓа, гледате. Вчера дојдоа и хеликоптери и фрлија вода, но како да го распалија уште повеќе. Не можеме мирно да спиеме затоа што може да ги запали дрвата, а токму тие нè штитат од одронување на земјата“, велат жителите.
Неможејќи да го изгаснат пожарот поради непристапниот терен, тетовските пожарникари ја повикаа Центарот за управување со кризи да ги активира и противпожарните авиони.
„Побаравме од Центарот за управување со кризи да ги активира хеликоптерите и авионите што ги поседува државата, но досега само еден хеликоптер вчера беше на терен и денеска побарав зашто пожарот се шири. Апелирам до Центарот за управување со кризи, кој има три авиони, да ни помогне да ја зачуваме природата“, рече Авни Амети- раководител на ППБ, Тетово.
Првите сомнежи се дека причина за пожарот е човечкиот фактор.
Башким Сулејмани