ЕУ ќе додели 100 милиони вакцини за земји кои не се членки на Унијата

Европската Унија ќе одвои 100 милиони вакцини против ковид за земји кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи го и Западниот Балкан. Но, за да се повлече одредена количина од овие дози, тоа мора да се реализира преку земја-членка на ЕУ. Бугарија, Грција и Полска веќе најавија дека се подготвени да обезбедат дел од нив, а првата пратка во земјава се очекува да пристигне во јануари. Од Комитетот за имунизација велат дека и Австрија изразила подготвеност да испрати контингент вакцини.
Но, никоја од земјите не го прецизира точното време и количина кога вакцините ќе пристигнат во Скопје. Од Министерството за здравство се надеваат дека први ќе бидат вакцините од Бугарија.
„Министерот за здравство Венко Филипче и неговиот бугарски колега Костадин Ангелов потпишаа писмо со кое Република Бугарија е обврзана во секоја нарачка на вакцини против Ковид-19, со кои самата ќе се снабди, дел од нив да бидат донирани за нашата земја. Во ова писмо нема никаков услов за која категорија граѓани ќе се даваат овие дози на вакцини“, наведуваат од Министерството за здравство.
Во Скопје вакцинацијата се планира да се врши на шест локации, а во другите градови на едно место, односно онаму каде што во моментов се врши вакцинацијата против сезонскиот грип.
Аднан Ќаили