Расправа за гасоводниот систем, ВМРО против договорот со Макпетрол

Пратениците ја почнаа расправата по предлог законот за решавање на децинискиот спор помеѓу државата и АД ГАМА. За пратениците од опозицијата, ваков закон е скандалозно воопшто и да се најде во Собранието, бидејќи спорот со Макпетрол околу сопственоста на националниот гасоводен систем, требало да има разрешница пред судовите.
„Згора замислете, немало финансиски последици. Има финансиски последици по субјектите, ама се разбира тие ќе бидат во плус, но Владата и државата ќе бидат во минус. За самиот закон не можете со закон да решите начин на решавање на спор…“, рече Гордана Сиљановска Давкова пратеничка на ВМРО- ДПМНЕ.
Но, власта не гледа ништо спорно. Од СДСМ велат дека овој закон ќе стави крај на деценискиот спор, па државата ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем.
„Јас само едно ќе ве прашам? Дали високиот државен интерес не бара разрешница преку највисокиот законодавен дом којшто ќе даде согласност на високо државен интерес?“, рече Снежана Калеска- Ванчева, пратеник на СДСМ.
Пред судовите, државата и Макпетрол од 2005 година досега водеа три судски спорови во кој се бараше да се утврди сопственичката структура во АД ГАМА. Со овој предлог-закон државата на Макпетрол ќе треба да му плати 32 милиони евра и да ја купи акцијата која ја поседува компанијата, по што ќе стане сопственик на целиот гасоводен систем.
Андреа Чобанова