Давкова со митинг во Струмица, Пендаровски во Арачиново и Куманово

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски очекува, како што вели, голема поддршка на осми мај за државата да продолжи напред, како демократска, мултиетничка, прогресивна држава на рамноправни граѓани. На средби со граѓаните во Арачиново и Куманово, тој вчера нагласи дека предводи концепт на обединување, а внатрешните поделби се најголемиот проблем за напредокот на државата.
„Никогаш не сум бил и не се кандидирам за претседател само на Македонците. Ќе бидам претседател на сите, како што бев глас на секој без оглед на етничка и каква било припадност. Промовирањето и претставувањето на сите граѓани на Македонија ќе биде приоритет и во наредните пет години“, рече Пендаровски.
Од друга страна, кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова, на митинг во Струмица, одговори на обвинувањата дека таа го прекршува Уставот, бидејќи не го користела името на државата „Република Северна Македонија“. Давкова истакна дека тоа е нејзино индивидуално право на самоопределување.
„Секој од нас има индивидуално право на самоопределување и никој, никаде и никогаш ниту мене, ниту вам не може да ни забрани да го употребуваме името „Македонија“, рече Давкова.
Давкова повтори дека како претседател ќе се залага за владеење на правото и правната држава, а во однос на нејзиниот Кабинет кажа дека ќе биде „Македонија во мало“, но само врз основа на стручност, а не други критериуми.
Лука Андреев