Познати се финалистките за Мастерс турнирот во Мадрид

За трофејот во шпанската престолнина ќе се борат двете најдобри светски тенисерки. Во првото полуфинале без преголеми проблеми до победата дојде Ига Швјонтек која ја совлада Медисон Кејс со 2-0 за час и 11 минути игра. Првата светска тенисерка речиси рутински ја заврши својата задача и се пласира во финалето. Двата сета Швјонтек ги доби со по два брејка, првиот со 6-1, а вториот со 6-3.
Нешто повеќе мака виде Арина Сабаленка која ќе го брани трофејот во финалето против првата светска тенисерка. Белоруската претставничка одигра маратон против Елена Рибакина и на крајот по два часа и 19 минути игра дојде до триумф (2-1). Рибакина тргна фуриозно и со 6-1 поведе во мечот. Тогаш Сабаленка се крена и во израмнето надигрување прво со 7-5 израмни, а потоа во тај-брејк исто така со 7-5 се пласира во финалето.
Финалето на Мастерсот кај дамите се игра в сабота во 18:30 часот.