
Седуммесечно бебе од струшко Вевчани рано утрово починало во болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Тоа вчера попладне било донесено во болницата од неговата мајка. Бебето имало хематом на главата и по констатирано мозочно крварење му била извршена операција, но починало. Според изјавата на мајката, повредите настанале по пад од импровизиран кревет во семејниот дом.
Од Обвинителството велат дека Јавниот обвинител, со цел да ги расчисти причините за тоа како настанала повредата на бебето, како и да испита дали стручниот персонал ЈЗУ „Св. Еразмо“ постапувал согласно протоколите и процедурите, издал насоки за прибирање докази.
Прибавена е целокупната документација од болницата, издадена е наредба за обдукција на бебето во Институтот за судска медицина во Скопје, се вршат разговори со семејството и блиски лица,а се проверува и медицинската историја на детето и на мајката.