Насилството меѓу момчињата сѐ поголемо, младите со сериозни предизвици со менталното здравје

Според повеќето истражувања, врсничкото насилство меѓу момчињата е сѐ поголемо, младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје. Податоците што ја опишуваат сликата за менталното здравје на момчињата и мажите кај нас, укажуваат од неопходноста за дебата и акција на оваа тема во општеството, потенцираат од Aсоцијација за здравствена едукација и истражување „Хера“.
Во организација на „Хера“, се одржала панел-дискусија на тема „Грижата за себе и менталното здравје кај момчињата и мажите“, во Студентскиот културен центар – СКЦ.
– Говорниците на дебатата ставија акцент на долгогодишната состојба во која мажите и момчињата потешко ги изразуваат своите емоции и поретко бараат помош кога им е потребна. Во нашата култура често се промовира идејата за „силен маж“ – маж кој не зборува за своите емоции, маж кој не плаче и самиот ги решава своите проблеми. Овој стереотип создава огромен притисок и ги спречува мажите да ги споделат своите чувства и да побараат поддршка, нагласуваат од „Хера“.
Според Кирил Тројачанец, психолог и експерт за стрес и анксиозност, мажите често се учат да потиснуваат емоции од рана возраст.
– Ова води до тешкотии во изразување и разбирање на своите чувства, што може да резултира со ментални здравствени проблеми. Потребно е да се промени оваа културна норма преку едукација и поддршка, смета Тројачанец.