ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Опожарен автомобилот на директорот на „Идризово“

Голема трагедија била избегната рано изутрина во скопската населба Кисела Вода. Поради засега непознати причини, горел службениот автомобил на директорот на затворот во Идризово, Зоран Јовановски. Возилото било паркирано под станбена зграда, а пожарот започнал да се шири и на објектот. Пожарникарите реагирале навреме и повредени лица нема. Од МВР информираа дека работат на расчистување на случајот.

Advertisements

„На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј.. Од пожарот бил зафатен и дел од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата“, наведоа од МВР.

Станарите од првиот кат на зградата велат дека за среќа ги разбудила експлозијата.

„Се слушна уште една експлозија и огромен пламен, а јас спијам, точно кај балконот беше, до моите прозори и да видам што се случува надвор, до мојот прозор огромно нешто… толку брзо да се рашири пожар не сум видела“, вели еден жител на Кисела Вода.

Штетата е само материјална.

„Многу луѓе има што спиеле со дечиња мали и не слушнале и сега се бунат зашто никој не им јавил, но и тоа се случува. Тоа се големи стресови“, додаваат граѓаните.

Изминатава година неколкупати, од непознати причини, гореа автомобили на вработени во затворот „Идризово“. Минатата година опожарено беше и возилото на заменикот директор, Феми Јонузи.

Последно, затворот „Идризово“ беше актуелен во јавноста пред само еден месец, кога МВР спроведе акција во која беа уапсени 17 припадници на затворската полиција. Против петмина, Обвинителството покрена истрага за кривичното дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“. При акцијата, во затворот беа пронајдени мобилни телефони, дрога и остри предмети.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button