
Последниве денови Полска е погодена од серија пожари, од кои најголемиот избувна во неделата во огромниот трговски центар Marywilska 44 во Варшава, при што беа уништени околу 1.400 продавници и други помошни простори. Што значи дека всушност изгоре речиси целиот трговски центар.
Втор пожар избувна во понеделникот на покривот на училиште во градот Гроџиск Мазовјецки, што доведе до евакуација на 60 лица. Во понеделникот 10 автобуси изгореа во депото во градот Битом. Пред пет дена, голема депонија за отпад, која потенцијално содржеше хемиски отпад, исто така изгоре во градот Сиемјановице Шлаские.
Поради сето ова, јавноста и медиумите во Полска почнаа да шпекулираат дека не се работи за несреќа, туку за намерно предизвикан пожар, пишува Euractiv.com.
Во интервју за „Полсат њуз“, министерот за правда Адам Боднар се осврна на наводите на луѓе од разузнавачкиот сектор дека Русија би можела да стои зад тие пожари, но исто така може да таргетира голем број инфраструктурни објекти во ЕУ и други саботажи.
„Секој голем пожар, секоја катастрофа може да содржи елемент на саботажа насочена од исток“, напиша претставникот Витолд Зембачински, член на парламентарната комисија за национална безбедност.
За секој случај, полските власти отворија истрага за причините за сите поголеми пожари, но секој од нив се истражува посебно бидејќи се наоѓаат на различни локации.
– Во моментов нема цврсти докази кои ги поврзуваат неодамнешните пожари со мешање на странски фактори, изјави премиерот Доналд Туск, а пренесе ТВП Ворлд, полскиот телевизиски канал на англиски јазик.