Експерти: Новата влада да започне реформи во правосудството

Новата влада треба сериозно да се зафати со реформи во правосудниот сектор, во здравство, образование и јавна администрација. Во првите шест месеци од владеењето, треба да се постават насоките како ќе се направат тие реформи вели професорот, Борче Давитковски. Според него поразително е што судскиот и обвинителскиот совет кои треба да бидат контролори на третата власт досега ги немаше никаде.
„Треба комплетно да се преиспита улогата на судскиот совет и на обвинителскиот совет, како и академијата за судии, дали таа академија ги даде очекувањата. Според мене требаше да се оди пола-пола. Пола требаше да бидат од стручните соработници во судовите, кои ги пишуваат пресудите, но ако немаат врски не можат да се запишат во академијата, а со тоа не можат да конкурираат за судии“, вели Давитковски.
Државата се соочува и со застарени законски решенија. Во Македонија досега се носеа закони кои се спротивни на правдата и моралот.
„Граѓанското право е заборавено. После 13 години да биде донесен граѓанскиот законик на Македонија, кој ги уредува односите на граѓаните. Од друга страна со носење на закони ниту е прашана практиката и судската пракса, ниту оние кои ги применуваат правото, со намалување на рокот на застареност ние правиме атентат во правото“, вели Ангел Ристов- претседател на институт „Јуридика прима“.
„Во делот на судството, во делот на републичкиот судски совет, совет на јавни обвинители, треба да се направат реформи. Очигледно е дека од сите страна и од Европа, а и ние знаеме дека судството не ни функционира како треба и тука треба да се направат реформи“, рече Арсен Јаневски, професор.
Давитковски не е голем оптимист дека работите можат да се променат од корен, но вели треба да ѝ се даде шанса.
„Кај нас политиката е многу инволвирана и јас не очекувам многу. Но, да им дадеме време. Да видиме првите реформски чекои кои ќе бидат, да видиме дали ќе има политичка волја или не. Досега ниедна влада немала политичка волја да направи суштински реформи. Да им дадеме време, најверојатно од есен да почнат со работа“, додава Давитковски.
Инаку довербата на граѓаните во судството е само 2%.За овие теми во Охрид се дебатира на десеттата годишна конференција, насловена како „Предизвиците на правото во 21 век“.
Мики Трајковски