Судот во Лондон му додели на Асанж право на жалба против екстрадицијата во САД

Високиот суд во Лондон денеска му додели на основачот на Викиликс Џулијан Асанж право на жалба против екстрадицијата во САД.
Тоа значи дека Асанж, кој е обвинет од САД за оддавање воени тајни, ќе може да ги оспори гаранциите на САД за тоа како ќе се води неговото идно судење и дали неговото право на слобода на говор ќе биде повредено, јавува Би-Би-Си, додавајќи дека по одлуката на судот, адвокатите на Асанж се прегрнаа.
По одлуката на судот, Асанж има неколку месеци да ја подготви својата жалба, која ќе се однесува на тоа дали американските судови ќе го заштитат неговото право на слобода на говор како австралиски државјанин.
За време на судењето, Асанж ќе остане во лондонскиот затвор Белмарш со висока безбедност, поради стравувањата дека може да избега.