ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Љупчо Палевски Палчо денеска ќе биде изведен пред судија на претходна постапка

Љупчо Палевски Палчо, првоосомничениот за убиствата на малата Вања и велешанецот Панче Жежовски, денеска ќе биде изведен пред судија на претходна постапка. Во Кривичниот суд, Палчо и надлежниот судија се очекува да ги спротивстават аргументите за притворот, кој уште во декември му беше определен во отсуство. Какви алтернативни мерки би побарал Палевски засега не е познато, ниту пак дали некој ќе застане да го брани или пак ќе му биде доделен адвокат по службена должност.

Advertisements

Од Обвинителството не откриваат кога Палчо ќе дава исказ пред надлежниот обвинител, а случајот за него се уште е во истражна постапка. Тој е достапен за домашните органи веќе шести ден и се наоѓа во истражниот затвор во Шутка, откако претходно беше екстрадиран од Турција.

Неофицијално, за обвинение против Палевски ќе се почека, додека пак за останатите приведени како соучесници во грабнувањето, наскоро ќе биде поднесено обвинение, односно најдоцна до  втори јуни. Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски во истрагата веќе признаа вина и ја одведоа полицијата до местата каде што биле закопани убиените.

Според законот за кривична постапка, осомничените може да се држат во притвор пред поднесување на обвинение најмногу 180 дена, кои истекуваат на 2 јуни и за тоа за тројцата осомничени соучесници мора да биде поднесено обвинение. По поднесувањето, тие може да бидат задржани во притвор уште две години.

Меѓу осомничените фигурира и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кого се испитува дали помагал во грабнувањето на неговата ќерка. Врховниот суд неодамна одлучи за него да се одреди домашен притвор.

14-годишната Вања и 74 годишниот Панче, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, минатата година. Безживотните тела беа пронајдени во близина на Скопје и Велес на 3 декември. По распишувањето на меѓународна потерница на 5 декември беше уапсен во Баликесир-Турција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button