Судијата Георгиев фатен со 10.000 евра обележани банкноти

Телевизија Алсат објави детали за истражните мерки против врховниот судија, Наќе Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети. Од Советот на јавни обвинители потврдија дека ноќеска бил извршен претрес во една просторија во Советот, но велат дека немаат повеќе информации за случајот. Од Основното јавно обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата соопштија дека е отворена истрага против две лица за кои постојат сомневања дека извршиле кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Според малкуте информации од предистрагата, синот на осудениот ексградоначалник на општина Ново Село, Боро Стојчев ги снимил со мобилен телефон како му бараат пари за наводно да му помогнат на татко му. Најверојатно веднаш ги пријавил, по што истражните органи обележале 10.000 евра, колку што барале судијата и членот на Советот на јавни обвинители како цена за услугата. На тој начин, судијата Георгиев бил фатен во моментот додека ги зема бележаните пари од синот на осудениот.
Првата сума за која Георгиев ја понудил услугата била 30.000 евра, но потоа цената била намалена.
Парите што Георгиев ги барал за услугата што тој и Мемети ја направиле, претходно биле обработени од вештаци . Истите се предадени на Георгиев, кој веднаш е уапсен на местото на настанот.
За делото за кое се осомничени Георгиев и Мемети е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
Адриан Керими