
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борел, денеска предупреди дека расте бројот на заканите со кои се соочува светот и рече дека ЕУ сака да ја прошири рамката за соработка и да развие нови безбедносни и одбранбени партнерства.
„Сакаме да создадеме мрежа низ целиот свет за да се осигураме дека заедно можеме подобро да придонесеме за светската безбедност и мир“, рече Борел на Шуманскиот форум за безбедност и одбрана во Брисел и потсети дека ЕУ веќе ги потпишала првите партнерства во поле на безбедност и одбрана со Молдавија и Норвешка.
Во своето обраќање тој посочи на голем број безбедносни и одбранбени прашања со кои се соочува светот и меѓу другото, предупреди дека морето и вселената ќе станат нови „бојни полиња“, дека климата ќе биде еден од најважните безбедносни проблеми, а укажа и на војните во Украина, Газа, но и во Африка, како и на „нестабилноста во Латинска Америка, воените игри во Индо-Пацификот и порастот на хибридните и сајбер заканите во светот.