Епидемија на СИДА кај одредена популација во земјава

Според резултатите од последното истражување, кај мажите кои имаат секс со мажи во Скопје, проценетата преваленца е 5,4 отсто, што значи дека во РСМ за прв пат се регистрира концентрирана епидемија кај одредена популациона група.
Ова е наведено во последниот годишен извештај на Институтот за јавно здравје за спроведени активности согласно програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, кој го изработиле прим. д-р Жарко Караџовски, стручниот соработник Газменд Исмани и Живадинка Цветановска, спец. за микробиолошка дијагностика.
Во документот е наведено дека во 2023 година, пристигнати се пријави за 50 новорегистрирани лица на ХИВ/СИДА во Македонија. Бројот на случаи во 2023 година е поголем за 0,8 отсто споредено со 2022 година, кога биле регистрирани 42 случаи.
„Во споредба со просекот од претходниот десетгодишен период (2013-2022), се регистрира зголемување од 22 отсто“, пишува во извештајот.
Во 2023 година, од регистрираните случаи, 46 се од машки пол, а 4 од женски пол. Како што се наведува, просечната возраст на новите случаи е 35 години. 74 отсто од случаите се на возраст од 20 до 39 години.
„Од случаите во 2023 година, најголем дел се со место на живеење во Скопје, а во Струмица се регистрирани 4 случаи. Останатите случаи се регистрираат како спорадични случаи во 18 други градови. Во 2023 година, регистрирани се 3 смртни случаи поврзани со СИДА, од кои еден е кај лице пријавено во 2022 година“, пишува во документот.
Според начинот на трансмисија, најголем број од случаите (60,5 отсто) се кај мажи кои имале секс со маж, хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 210 случаи, лица кои инјектираат дроги учествуваат со 1,9 отсто, а по 6 случаи (0,9 отсто) се регистрирани кај лица со хемофилија (последниот пред 18 години) и вертикален пренос од мајка на дете.