
Кристијан Трапановски е на добар пат да го следи Бојан Миовски со преселба кон шкотската Премиер Лига откако крилниот офанзивец на Шкупи ги договори сите детали за преселбата во тимот на Данди Јунајтед.
Станува збор за клуб кој обезбеди промоција во елитното шкотско фудбалско друштво, а меѓу првите фудбалери на листата со желби за летово се најде токму Трапановски. Тој е желба на тренерот Џим Гудвин, кој пред две години во Абердин го донесе Миовски од МТК Будимпешта,со надеж дека и овој македонски напаѓач ќе биде хит во шкотската фудбалска елита.
Последните информации говорат дека сите детали се веќе договорени, а за комплетирање на трансферот се чека добивање на работна дозвола, по што ќе следат лекарски прегледи и потпис на договор на најмалку три сезони.
Трапановски сезонава ја мина во дресот на Шкупи, а претходно во кариерата има настапувано и за АП Брера, чешките Славија Прага и Викторија Жижков како и за екипата на Татран Прешов во Словачка.